Анализа: Посетата на Хан- порака да се почитува договореното
Една недела пред посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на земјава и најавените средби со лидерската четворка, поранешни дипломати оценуваат дека Брисел сака да испрати порака до играчите на домашната политичка сцена- да се држат до договореното од Пржино...

Да даде подршка, но и да упати закана да не се случи нешто непредвидено. Вака дипломатите Нано Ружин и Ристо Никовски ја коментираат најавената посета на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје. Европската унија сака да покаже дека не ѝ е сеедно каква ќе биде политичката еволуција во земјава, смета Ружин.
„И на еден начин да не предупреди, но предупредувањето во дипломатијата значи закана. Оваа посета треба најсериозно да се сфати со оглед дека од една страна политичката криза сеуште трае, разбирливо во рамките на истата се случуваат одредени обвинувања од двете страни, а народот сака да се излезе од таа криза, а Македонија да се посвети на други сериозни настани“, смета Ружин.
Ристо Никовски пак вели- Хан доаѓа да не предупреди изборите да се одржат бидејќи нивното одлагање би значело срам за Брисел и Вашингтон.
„Оваа посета исто така значи и одредена загриженост на Брисел, а тоа значи дека има некаква инспекцијска улога, а тоа значи дека не ни гине и притисок. Чинам дека дилемите и одредени процеси кои се во државата влијаат на Брисел да го испрати Хан да дојде- посетата не е воопшто случајна“, вели Никовски.
Двајцата дипломати се согласни дека 6-та изборна единица со вишокот гласачи мора да се реши, но потенцираат и дека измените во законите за Специјалното обвинителство се камен на сопнување бидејќи меѓународниот фактор инсистираше на формирањето на СЈО.
„До самиот крај нема да се знае- ќе ги има или нема изборите, ќе има надмудрување, тактизирање, ќе живееме во еден период на напнатост, кризата ќе биде сериозна и длабока како што можеби не беше толку изразено последнава година- две. Така што, не чека навистина тежок период, но мислам дека најважно е изборите да се одржат, иако е јасно дека нема да ја решат кризата“, објаснува Никовски.
„Треба да дојде до израз таа творечка идеја на политичарите, интелектуалците, на граѓаните, заеднички да ја надминеме оваа битка, а понатаму политичките партии нека ги одмеруваат силите- кој е посилен, кој е поумешен, кој е попаметен“, смета Ружин.
Еврокомесарот Хан доаѓа во Скопје со набиена агенда на средби, а што ќе испорача Брисел до македонските авторитети ќе видиме следниот петок.
Миле Ристески
