Протест на кандидати за полицајци
Протест на 34 кандидати за полицајци кои како што велат и покрај успешно спроведената обука не добиле вработување. Министерот за внатрешни Спасовски посочи дека финансиските средства ги одобрува Министерството за финансии. Оттаму со реакција- парите се одобрени, вработувањето го реализира МВР...

Пред МВР протестираа 34-ца кандидати за полицајци, кои, како што велат, иако ги поминале сите тестови на претпоследниот јавен конкурс од минатата година, не се примени на работа поради ограничениот број вработувања. Како што истакнаа, после приправничкиот стаж, 6 месеци се без работа, иако како и нивните 400 колеги што се примени, се обучени успешно да одговорат на предизвиците.
Дел од кандидатите се сретнаа со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој им предочил дека се зависи од Министерството за финансии, од кое ќе побара одобрение за вработувањата. Спасовски потсети дека веднаш по завршувањето на курсот, како министер за внатрешни упатил барање до финансии за одобрување средства за вработување на 34-те полициски службеници.
Министерството за финансии тврди дека има обезбедено пари за 34 кандидати за полициски службеници што ја поминаа соодветната обука, но не се ангажирани во МВР и го демантираат Министерот. Средствата се обезбедени, а вработувањата треба да ги спроведе МВР, велат од ресорот финансии. Во саботата беше промовирана последната класа од 654 кандидати за полицајци. Од нив по приправничкиот стаж од 9 месеци ќе бидат примени 600-ни.
Наташа Гркова- Петрушевска
