Одбележан 11-ти Октомври

12.10.2016 10:05

Македонија ја одбележа 75-годишнината од Народнослободителното востание против фашизмот. Државниот празник одбележан во Прилеп и во Куманово. 11-ти Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати од Илинденското востание, но и преку напорите за национално ослободување во Балканските војни и Првата Светска војна.

11-ти Октомври е денот којшто во нашата понова историја е забележан како голем настан поврзан со слободарскиот и револуционерен дух на македонскиот народ. На овој ден пред 75 години, кога во Европа како на филмска лента се одвиваа настаните за и околу борбите меѓу антифашистите и нацистите во Втората светска војна, се огласија и македонските партизански одреди коишто првин во Прилеп, а ден потоа и во Куманово го почнаа антифашистичкото востание и Народно ослободителната војна. Првиот прилепски партизански одред ги нападна бугарскиот полициски участок и телефонско- телеграфската мрежа во Прилеп, а слична акција изведоа и партизаните од Кумановскиот одред. Најзначајно од четиригодишната војна во НОБ се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Ако во светската историографија е забележано дека на почетокот на 20 век на Балканот почнаа сите војни и дека на крајот на векот заврши со крвавата дезинтеграција на поранешната сојузна југословенска држава, тогаш не случајно македонските заложби за слобода и самостојност беа исправени пред многу премрежја и револуционарни одлуки. Затоа и празникот 11-ти Октомври претставува продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проткаени со сите претходни востанија, од Карпошовото, Кресненското па се до Илинденското.

11-ти Октомври е ден кога принципите на слободата, демократијата и човечкото достоинство го надвладеаја злото што го пропагираше фашистичката филозофија. И денес по толку години останува пораката на сите наши револуционерни предци дека овој ден треба да остане симбол на градење мир и стабилност за идните генерации.

Мирјана Василева