Грција одби азил за турските војници

12.10.2016 15:18

Одбиени барањата за азил на 7-мина од осум турски војници што пребегаа во Грција по неупсешниот обид за пуч во Турција на 15-ти јули. Војниците велат дека се жртви на билатералната политика...

Одбиени се барањата за азил на седуммина од осум турски војници што по неуспешниот обид за воен удар пребегнаа во Грција. Одбиените војници сметаат дека при разгледувањето на нивните случаи, комисијата не се водела од меѓународното право, туку дека тие се жртви на билатералната политика.

Дојдовме во Грција да спасиме живот, а не да се претвораме во пиони на надворешната политика и билатералните договори, се вели во нивното соопштение.

Во својата одбрана, тие негираа дека учествувале во обидот за воен удар, додека пак грчките власти сметаат дека тие не дале доволно факти дека не учествувале во бунтот.

Нивната адвокатка Ставрула Томара најави жалби по одлуките, критикувајќи ја комисијата за азил дека не ги зела предвид барањата да биде дозволено апликациите да бидат разгледувано во друга земја членка на Европската Унија.

Војниците пребегнаа во Грција со хеликоптер на 16 јули, ден по неуспешниот обид за воен удар, по што следеше и барање од официјална Анкара за нивна екстрадиција. Одговорот на грчката страна беше дека одлуката ќе биде донесена по завршувањето на постапките согласно меѓународното право.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ