Распуштањето на Собранието на 17 октомври по Буџетот за 2017-та

12.10.2016 17:02

Пратениците од опозициската СДСМ поднесоа предлог за распуштање на Собранието за да се фати рокот за избори на 11-ти декември. ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа предлогот, побара прво да се затвори прашањето за Буџетот за 2017-та година. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, рече дека оваа точка ќе се најде на дневен ред в понеделник...

ВМРО-ДПМНЕ, ја повика опозицијата да поднесе иницијатива за распуштање на Собранието, а Социјал- демократите ја поднесоа со назнака да биде разгледана под итна постапка. Должни сме да останеме на позициите договорени меѓу 4-те политички партии- вели координаторот на СДСМ, Горан Сугаревски. Во меѓувреме партиите немаат договор за прекројување на 6-тата изборна единица, а седница за буџетот е закажана за 17-ти месецов. Опозицијата, иако ги смета законите за СЈО за важни, воопшто не се ставени на дневен ред.

ВМРО-ДПМНЕ поздравувајќи ја поднесената иницијатива на сдсм предлага веднаш уште вечерва да се закаже седница за носење на буџетот за 2017-та, а по неа втора точка да биде распуштање на Парламентот. Доколку СДСМ се убедени во подршката на изборите не е спорно на новиот собраниски состав веднаш да му предложи ребаланс на буџетот- пишува во партиското соопштение.

„Неносењето на буџетот ќе значи и потенцијален ризик и опасност од внесување на земјава и во финансиска криза, покрај политичката криза со која што се бориме и се обидуваме да ја надминеме. Со поддршката на агендата што ја предлагаме, СДСМ ќе докаже дека навистина има намера да излезе на избори и дека навистина се убедени дека државата веќе не смее да биде заложник на политичките интереси на Зоран Заев“, велат од владејачката партија.

Во меѓувреме и Павле Транов поднесе иста иницијатива за распуштање на Парламентот. Вели треба да се запазат уставните и законски рокови, а партиите да имаат доволно време да се подготват за изборите.

Сепак претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски пресече. На 17-ти октомври кога ќе се разгледува буџетот седницата ќе биде надополнета и со точка за распуштање на парламентот.

„Претседателот на Собранието го поздравува ставот на пратеничката група на СДСМ за распуштање на Собранието, за разлика од минатите два пати кога оваа партија бараше одложувања на веќе закажаните парламентарни избори. Истовремено, г. Вељаноски го поздравува и ставот на партиите од владеачкото мнозинство, кои, исто така, во континуитет стојат на позициите за распуштање на овој парламентарен состав согласно постигнатите договори. Овој факт е од исклучително значење бидејќи единствено на тој начин, консензуално, преку избори, мандатот повторно ќе го добие народот и тој, како најмеродавен судија ќе ја даде најточната оценка“, соопштија од кабинетот на Вељаноски.

Новиот буџет би се разгледувал најмногу пет дена. Ако седницата не заврши порано тогаш најдоцна на 22-ри октомври Собранието би можело да се распушти.

 

Миле Ристески