Флорида- клучна за изборот на новиот американски претседател
На помалку од еден месец до изборите, Републиканската партија ја откажа поддршката на номинираниот кандидат Доналд Трамп. Поддржувачите на Трамп не се откажуваат и сметаат дека неговиот избор е единствен начин за подобра Америка. Демократскиот кандидат Хилари Клинтон се соочува со нови објавени имејлови од „Викиликс“ кои покажуваат корупција во највисоките американски државни институции во нејзина корист...

Доналд Трамп ја загуби поддршката од Републиканците, па тој ги повика неговите поддржувачи да не гласаат за изборот на републиканските конгресмени и сенатори. Спикерот на Конгресот, Пол Рајан беше исвиркан во родниот Висконсин поради откажувањето на поддршката за Трамп, а група жени од Вирџинија протестираа пред седиштето на Републиканската партија во Вашингтон. Флорида ќе биде клучна за изборот на новиот американски претседател, затоа двајцата претседателски кандидати во ист ден одржаа митинзи во оваа сојузна држава што носи 29 електорални гласови.
„Во говор зад затворени врати, корумпираната Хилари Клинтон кажала дека тероризмот не е закана по националната безбедност. Да Ви кажам народе, тероризмот е голема закана, влегуваме во нешто многу опасно, а таа им дозволува на илјадници луѓе да дојдат во земјава“, рече Доналд Трамп.
„Доналд Трамп не верува во климатските промени и дека тоа е лага измислена од кинезите, и во нашата прва дебата се обиде да го негира тоа. Но тоа што го напиша е на твитер и сите можат да го видат. Би сакала Трамп да ги послуша луѓето во Флорида, како градоначалникот на Мајами којшто се справува со поплавите“, изјави Хилари Клинтон.
„Викиликс“ објави дека Департментот за правда го известувал изборниот штаб на Хилари Клинтон за текот на истрагата за мејловите. Клинтон поддржана од поранешниот потпретседател Ал Гор со настапи на универзитети во Охајо и Флорида се обидува да ја придобие поддршката од младите гласачи.
По втората претседателска дебата, водството на Хилари Клинтон во однос на Доналд Трамп се намали, но на национално ниво таа води со 7 проценти повеќе поддршка.
Ирина Гелевска, постојан допинсик од Вашингтон за МРТ
