ИПА фондови: Македонија користи средства, но нема ефект

17.10.2016 10:34

Македонија ги користи европските пари, но затајува во спроведувањето од наученото, оценуваат од Институтот за европска политика. Велат дека тоа е причината, поради која Европската унија ги намалила расположливите пари за Македонија. Од Секретаријатот за европски прашања негираат дека на земјава и се одземени средства од ИПА фондовите...

Македонија ги користи европските пари, институционално и граѓански спроведува проекти кои се финансирани од средства од претпристапната помош, но не покажува голем ефект од искористените фондови, велат од Институтот за европска политика. Според нив, недостасува политичка волја за реализација од наученото.

„Ако имало резултати покажано од ефектите, тие резултати не се ефектуираат. Значи активности имало, ефекти имало но тие не резултирале со јакнење на административните капацитети и тоа е гледано во три области: јавна администрација, транспорт и животна средина. Еден друг значаен заклучок е дека дел од причините што нема подолгорочно влијание, овие проекти и овие средства, е отсуството на политичка волја за реформа и особено за борба против корупцијата“, изјави Малинка Ристевска-Јорданова, Институт за европска политика.

Од Институтот велат дека резултат од ваквата ситуација е тоа што земјава дел од средствата ги губи или пак еу ги пренаменува.

Од Секретаријатот за европски прашања тврдат дека такво нешто не постои и дека земјава ниту е казнета, ниту пак и се одземени какви било средства.

„Сосема е погрешно да се зборува дека нам ни е одземена акредитацијата или пак дека ни се суспендирани ИПА средствата, затоа што тоа не се случи ниту пак имаме основа да веруваме дека ќе се случи во некоја блиска иднина. Всушност, она што се случи е започнавме со спроведување на ИПА 2 и правилата на игра во ИПА 2 се доста различни од правилата во ИПА 1. Самата ИПА е доста сложен и технички процес кој што е тешко разбирлив за граѓаните и поради тоа различни така наречени експерти се обидуваат да го користат овој процес за да создадат некоја илузија дека нешто се променило или дека нешто не е во ред“, вели Ана Блажеска, државен секретар во СЕП.

Од Секретаријатот објаснуваат дека пресек на искористување на ИПА се прави по завршување на календарска година. Последниот официјален податок за искористување на ИПА е од јануари 2016 година и изнесува 61,8%.

 

Катерина Топалова