Македонија ќе биде домаќин на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа

18.10.2016 13:12

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во италијанската престолнина присуствува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Штабот на бригадата на Југоисточна Европа од 2020 до 2026 година ќе биде во Скопје. Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во италијанската престолнина присуствува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

На состанокот, како што соопшти Министерството за одбрана, министерот Јолевски се заблагодари за дадената доверба да бидеме домаќини на Главниот штаб на бригадата. Тој додаде дека современите процеси во меѓународните односи побаруваат поблиска соработка помеѓу интерните и екстерните безбедносни фактори.

„Мирот, безбедноста и просперитетот се многу поповрзани сега, отколку во минатото“, рече министерот, посочувајќи дека асиметричните закани влијаат на безбедносната средина на глобално и регионално ниво.

Министерот Јолевски додаде дека Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) е силен регионален капацитет кој поседува голем потенцијал да придонесува во меѓународни мировни мисии.

„Македонија ги поддржува напорите за придонес кон операциите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации“, нагласи министерот.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа, создаден пред 10-години ја јакне воено-политичката соработка во регионот и ги подобрува стабилноста и безбедноста на Југоисточна Европа.