Македонија ќе гласа на 11-ти декември
Претседателот на Собранието ги распиша предвремените избори за 11-ти декември. Ова доаѓа откако вчера пратениците изгласаа распуштање на Законодавниот дом. За спроведување на изборите, Велјаноски разговараше со челникот на Државната изборна комисија. Добил уверување дека ДИК е подготвен за процесот што престои.

Сакам да го споделам длабокото уверување дека во предизборниот период Македонија ќе го положи демократскиот испит на зрелоста и ќе се искачи на ново квалитативно ниво што претставува основна цел на сите политички субјекти– изјави во своето обраќање претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски откако го потпиша решението за распишување на предвремените парламентарни избори за 11-ти декември.
„Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој впрочем е единствениот врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава. Во меѓувреме Република Македонија ќе влезе во еден сложен период на засилена активност на политичките партии кои искрено верувам дека ќе помине во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера чиј врв ќе бидат изборите на 11-ти декември“, рече Вељаноски.
Сега ДИК ја презема палката за подготовка на изборниот роковник и предизборните активности. Спикерот Вељаноски и претседателот на ДИК, Александар Чичаковски претпаднето остварија средба за размена на мислења и повеќе во знак на политичка култура. Едниот да информира за распишувањето на изборите, другиот да потврди дека Изборната комисија е подготвена за спроведување на изборниот процес. Тоа што следи е ДИК да го утврди изборниот роковник.
Миле Ристески
