Еколози: Сериозно загрозени природата и биолошката разновидност

19.10.2016 16:13

Ако во минатото активностите главно беа насочени на загадувањето на воздухот, почвата и водата, на Петтиот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, повеќе ќе се расправа за сериозното загрозување на природата и биолошката разновидност. Ќе стане збор и за загрозените видови животни како што е Балканскиот рис, кој на територијата на цела Македонија е застапен само со триесет возрасни единки и е пред исчезнување.

Балканскиот рис во Македонија е пред исчезнување. Единствено се среќава во западниот дел од земјата, а најбројна е полулацијата во Националниот парк „Маврово“, каде што се евидентирани помеѓу 10 и 15 единки. На целата територија на нашата држава се проценува дека нема повеќе од триесеттина возрасни единки од ова диво животно кое немилосрдно го уништуваат криволовците. Поради тоа заштитата на рисот треба да биде приоритет.

„Изминатата година рисот беше ставен како критично загрозен подвид на црвената листа на Меѓународната унија за заштита на загрозени видови животни, така што ако не смогнеме сили да го решиме статусот на рисот во Република Македонија тој би се соочил со исчезнување“, изјави Александар СтојановМакедонско еколошко друштво.

Бројни се еколошките предизвици во Македонија и на глобално ниво заклучија еколозите во Охрид. Сепак во моментот нивното внимание е свртено кон загрозувањето на природата, биолошката разновидност и заштитените подрачја.

„Актуелните теми сеуште постојат, односно загадувањето на воздухот, на почвата, на водата, нерационалното искористување на природните ресурси се сеуште теми кои предизвикуваат интерес“, вели Славчо Христовски, претседател на организациониот одбор на Петтиот конгрес на еколозите на Македонија.

„Овој регион се соочува со голем број предизвици, особено заради бројните планирани инфраструктурни проекти, но за тоа треба да се најдат соодветни решенија и да се слушнат сите страни“, смета Робертина Брајановска, директор на Канцеларијата на Македонското еколошко друштво.

Еколозите и од овој петти конгрес ќе испратат силни пораки до надлежните државни органи да изнајдат решенија за проблемите кои ги детектирале преку бројни научни истражувања и трудови.

 

 

Сашо Нелоски