Партиите се подготвуваат за избори

19.10.2016 16:38

Политичките партии се подготвуваат за избори. Се кројат кандидатските листи, се посетуваат штабовите, се организираат средби со граѓани. Промени има во албанскиот кампус, каде што Движењето за реформи на Села, Унитети или Единство на Османи и Националната демократска преродба формираа коалиција...

Додека големите партии од македонскиот блок ги кројат изборните листи за настап на вонредните парламентарни избори, вонпарламентарните партии од албанскиот политички спектар се окрупнуваат во коалиции. Од СДСМ велат дека ги прават потребните подготовски за избор на кандидатските листи во шесте изборни единици. Според Шеќеринска, одржана е една рунда разговори за коалицирање во правец на создавање широк опозициски фронт со што ќе се овозможат промените во државава.

Во ВМРО-ДПМНЕ ги мобилизират силите за претстојните парламентарни избори за да обезбедат мнозинство од 63 пратеници. Пратеникот Ѓорчев смета дека тоа им е потребно за да обезбедат стабилна влада и да го зачуваат уставниот поредок и унитарниот карактер на државава.

Во албанскиот кампус партијата Унитети- Единство, Националната демократска преродба и Движењето за реформи- ДПА потпишаа спогодба за коалиција. Велат дека ќе се залагаат за рамноправност на албанскиот јазик при употребата и на државно и на локално ниво. Ветуваат борба против криминалот и корупцијата и се отворени за коалицирање и со други вонпарламентарни партии.

На неполни 55 дена до изборите се најавуваат и други коалиции во центарот и во десницата со цел максимално да се ефектуираат гласовите и да се освојат што е можно повеќе пратенички мандати.  

 

Игор Панов