Задругарството се враќа во селата
Задругарството повторно се враќа во селата. Годинава се регистрирани 7 нови, а последните три години вкупно 35 мали и големи земјоделски задруги. Целта е да произведуваат со помали трошоци и заеднички повеќе да продаваат на пазарот.

Во Македонија, од кога е донесен законот во 2013-та година па досега, се регистрирани и работат вкупно 35 задруги. 7 од нив се мали и 28 големи.
Вкупно низ целата држава обработуваат 1.100 хектари земјоделска површина, сопственици се на 260 пчелни семејства и сите заедно имаат стадо од 450 говеда, 200 кози и 250 овци.
Задруги има во сите делови од земјава и најчесто се формирани со заедничкото работење да го зголемат производството, намалат тршоците и повеќе да продаваат на пазарите. Велат дека вака полесно се преговара со откупувачите кога ќе дојде врема да ги продаваат своите производи, кога треба да добијат пониска цена за набавка на заштитни средства, вештачко ѓубриво и механизација и повеќе пари за инвестиции од банките.
Задругите, најчесто се занимаваат со повеќе земјоделски дејности што е резултат на македонското поднебје, на едно стопанство да се произведуваат различни култури. Помал дел од нив се специјализирани за една гранка, како на пример овоштарството, лозарството, пчеларството или производството на ориз.
Методија Трајков
