СЈО: Предлог мерки за претпазливост за осомничени во случајот „Тендери“

21.10.2016 11:52

Со предлозите е побарано од Судот осомничените лица да се јавуваат еднаш неделно, односно секој вторник во 10 часот кај определено службено лице во Основниот суд- Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство до скопскиот Кривичен суд, во врска со истрагата во предметот „Тендери“ поднесе предлог за определување на мерки за претпазливост за две осомничени лица. Од судот се бара осомничените да се јавуваат еднаш неделно кај определено службено лице.

Воедно, за двете осомничени лица побарано е определување и одземање на патна исправа, поради постоење на околности кои упатуваат на опасност од бегство, соопштија од СЈО.

Истрагите „Топлик“ и „Тендери“ што ги отвори вчера Специјалното обвинителство, се однесуваат на проектот „Сончев град“ и за изградбата на Музејот на револуционерната борба.

По објавувањето на двата нови предмети, министерката за култура и од транспорт и врски посочија дека Специјалното јавно обвинителство e продолжена рака на СДСМ, поради нивните, како што беше речено, конструирани случаи.