Новинарските здруженија и политичките партии со осуди за нападот на новинарот на Телма

21.10.2016 14:01

Нападот на новинарот Беловски е смислен атак врз слободата на медиумите оркестриран од одредени структури на МВР, кои сакаат да ги одвратат новинарите да известуваат за нивните опструкции на истрагата на Специјалното јавно обвинителство, сметаат од ЗНМ...

По синоќешниот физички напад на новинар на Телма при извршувањето на работните обврски, осуда од Агенцијата за медиуми, од новинарските здруженија и од политички партии.

Нападот на новинарот Беловски е смислен атак врз слободата на медиумите оркестриран од одредени структури на МВР, кои сакаат да ги одвратат новинарите да известуваат за нивните опструкции на истрагата на Специјалното јавно обвинителство, сметаат од ЗНМ. Го повикаа министерот за внатрешни Спасовски да го исполни јавното ветување за расветлување на сите напади врз новинарите.

Македонската асоцијација на новинарите бара од надлежните најитно да се расветли случајот бидејќи, како што стои во дописот, ова претставува атак врз слободата на изразувањето и врз новинарската фела.

Интерес на сите граѓани е да ја дознаат вистината и да бидат информирани. Тоа е можно само ако новинарите непречено и без никакви закани по нивната безбедност и без притисоци ги извршуваат своите професионални задачи, се вели во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ги осудува сите притисоци и напади врз медиумите и сите обиди преку какви било закани и прогласувања за непријатели, медиумите да бидат заплашени и цензурирани, соопшти партијата. Ја поздравуваат вчерашната брза интервенција на полицијата и расчистувањето на инцидентот со новинарот на Телма. Само на таков начин може да се оттргнат сите сомнежи и политичките злоупотреби на ваквите недолични постапки, стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.