Обвинителите незадоволни од постапувањата на СЈО
Основното јавно обвинителство Скопје испрати отворено писмо до специјалната обвинителка Катица Јанева во кое, меѓу другото, ја обвинуваат дека се обидува да им го намали угледот. Објаснуваат дека дале согласност за сите барања од СЈО. Ја прашуваат Јанева според кои стандарди и закони нејзин истражител следел и снимал лице осомничено во предмет на СЈО.

Обвинителите од Основното јавно обвинителство со отворено писмо до специјалната обвинителка Катица Јанева. Изразуваат незадоволство од нејзиното постапување, со што, како што велат, се правело штета на јавно обвинителската професија. Реагираат и на обвинувањата на Јанева дека немало преземено ниту едно дејствие, а предметите ги заведувале под деловен број за небитни предмети. Велат дека заведувањето на предметите во деловните книги во јавното обвинителство било непроменето со децении.
„Јавното обвинителство согласно со законот Ви предаде 35 оформени предмети кои беа работени од 23 различни јавни обвинители. Дел од нив беа јавните обвинители кои сега работат кај Вас. Во секој од предметите беа преземени дејствија, издадени наредби, сослушани сведоци, оштетени, осомничени. Прибавени податоци и документација. Дел од предметите дури беа и пред правна одлука. И ние, ги работевме и сето тоа го презедовме, иако кај нас не беа доставени снимките кои Вие еве веќе една година ги имате, а сработивте само неколку“, стои во писмото.
Дезинформација, се вели во писмото, е дека Основното јавно обвинителство ви дало само еден стручен соработник за да работи кај вас. Објаснуваат дека дале согласност за сите барања од СЈО, но само едно лице се согласило да работи во Специјалното обвинителство. Ја прашуваат Јанева, според кои стандарди и закони, таа давала наредба на нејзин истражител да следи и снима лице осомничено во предмет на СЈО?
„Дали имавте за тоа судска наредба за Посебна Истражна Мерка? Дали Вие и вашите „повисоки стандарди“ всушност во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме, бидејќи за нас е незамисливо да се следи и снима објект или лице кое е осомничено од страна на било кој без постоење на изричита судска наредба“, пишува во писмото.
Потенцираат дека кога Јанева имала можност не ја докажала професионалноста, туку го нарушила правото на пресумција, дозволила непотизам и не дала финансиски отчет. Сите сме дел од правосудниот систем посочуваат во писмото, само не чувствуваме потреба за јавно експонирање.
Од Специјалното јавно обвинителство засега немаат одговор по писмото.
Во меѓувреме, истражителите и обвинителите од Специјалното обвинителство, додека да стаса експертот од компанијата „Ериксон“, ги анализирале податоците коишто досега ги обезбедиле, како што потврдуваат од СЈО. Велат дека за заклучоците од предистражната постапка, јавноста ќе ја информираат кога целосно ќе биде истражен предметот.
СЈО отвори предистражна постапка за да го расчисти случајот со незаконското следење на комуникациите и да утврди дали прислушувањето се одвивало во УБК или по налог на странска служба.
Наташа Гркова- Петрушевска
