СЈО сѐ уште го чека експертот од „Ериксон“
Специјалното јавно обвинителство сѐ уште го чека експертот од компанијата „Ериксон“ и до тогаш истрагата во УБК е во прекин. Во меѓувреме многу прашалници за инсталираната опрема за прислушување почнаа да се отстрануваат. Од едниот од двата мобилни оператори во Македонија за МТВ тврдат дека никогаш и немале такви уреди. Вториот и најголем оператор пак набавил опрема за следење на комуникациите, но е дадена на владение на МВР.

Специјалното јавно обвинителство сѐ уште нема информација кога во земјава ќе стигне експертот од компанијата „Ериксон“ кој треба да им даде техничка помош на обвинителите за да можат во целост да ја извршат судската наредба – велат од СЈО. Засега од оваа институција не соопштуваат кои би биле нивните евентуални следни чекори доколку експертот воопшто не дојде во земјава. Велат, бидејќи станува збор за предистражна постапка којашто е тајна, јавноста ќе биде запознаена со деталите кога истрагата ќе дојде во фаза во која за неа може да се зборува.
Во меѓувреме, во врска со опремата за прислушување се огласија и двата телекомуникациски оператори. Од оне.ВИП за МТВ велат дека никогаш не поседувале систем за следење на комуникациите.
„оне.Вип има набавено соодветен интерфејс т.е. техничка опрема којашто овозможува поврзување на опремата за следење на комуникации на надлежниот орган и опремата на оне.Вип наменета за обезбедување на електронски комуникациски услуги. Овој интерфејс веднаш по извршената набавка е предаден во владение и на користење на МВР кое има целосна оперативна контрола врз начинот на нејзина употреба“- се вели во одговорот на оваа компанија.
Од Телеком пак за МТВ велат дека нивната компанија има обврска да ги обезбеди неопходните технички услови за да се овозможи следење на комуникациите од страна на МВР како овластен законски орган.
„Треба да се има предвид дека откако е набавена опремата за следење на комуникациите и предадена на МВР, Македонски Телеком нема пристап до истата, ниту пак е запознаен како функционира и како се користи“- се вели во одговорот од Телеком.
Минатата недела директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков изјави дека УБК не се овластени да даваат податоци, бидејќи системот не е сопственост на УБК туку на операторите и само овластено лице од операторот може да пристапи до системот за може безбедно да се извлечат податоците коишто се потребни.
Од СЈО веќе информираа дека обезбедиле поголем дел од потребните податоци од системот за следење на комуникациите, но за да се изврши во целост судската наредба, неопходна е асистенијата на експертот од „Ериксон“.
Специјалното обвинителство отвори предистражна постапка со цел да истражи дали незаконското прислушување се случувало во УБК или го организирала странска служба.
Анита Димитријевска
