Ахмети и Џафери бараат 90 илјади евра отштета од Богоески
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети бара 3 милиони денари оштета од поранешниот директор на УБК, Слободан Богоески. Неговиот сопартиец Муса Џафери, од екс- разузнавачот бара 2,5 миниони денари. Политичарите поднесоа тужба за навреда и клевета поради изјавата на Богоески дадена за њујоршкиот суд за случајот „Маѓар телеком“.

Али Ахмети и неговиот сопартиец Муса Џафери бараат 90 илјади евра отштета за клевета. Го тужат поранешниот директор на УБК Слободан Богоескизатоа што пред њујоршкиот суд изјавил дека примиле мито од „Маѓар телеком“за да овозможат пролонгирање на монополската позиција на пазарот . Политичарите не дојдоа на судењето, арочиштето се одложизатоа што рокот за одговор на тужбата се уште не е поминат.
Богоески на суд дојде со писмото потпишано од американската Комисија за хартии од вредност во кое се вели дека му е прифатена изјавата што ја дал во улога на сведок во корупциската афера против раководни лица од „Маѓар телеком“ што се води во њујоршкиот суд. „Американскиот правен систем признава дека едно независно судство не може да функционира ако сведоците можат да бидат заплашувани поради тоа што дале изјава“ – се вели во продолжението на писмото потпишано од претставникот на американската комисија за хартии од вредност - Роберт Доџ. Ако граѓанскиот суд не ја отфрли тужбата, Богоески рече дека ќе поднесе кривична пријава за влијаење на сведоци во судска постапка.
Богоески лани пред Њујоршкиот суд наведе дека во 2005-тата година преку грчки бизнисмен на актуелни и поранешни функционери во три наврати им било исплатено мито од „Маѓар телеком“ во вкупен износ од 7,5 милиони евра. Во скандалот, како што наведе Богоески, биле вмешани поранешниот премиер Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери. Адвокатскиот тим на политичарите кои тужат за клевета не дадоа изјава за медиумите. Ново рочиште е закажано за јануари идната година.
Анита Димитријевска
