Македонија потпиша нова петгодишна стратегија со ОН
Глобална порака на Обединетите нации е секој човек на земјата да ги оствари своите права. Светската организација е две децении во Македонија, земја-потписничка на меѓународните конвенции. Примарната определба се намалување на сиромаштијата и гладот до 2030, а справувањето со социјалниот, економскиот и еколошкиот предизвик се вклучени во 5-годишниот проект на земјава што денеска беше потпишан во Министерството за надворешни работи.

Македонија и Светската меѓународна организација стратегиски се договорија околу областите на соработка во наредните пет години. Со Партнерството за одржлив развој-стратегија на ООН за Македонија се предвидува рамномерен развој неопходен за европската интеграција.
„Зголемување на вработувањето, добро владеење и професионални институции, зголемена социјална инклузија, поголема грижа за ранливите категории, родовата еднаквост, чиста и одржлива животна средина, се областите кои сметаме дека ќе придонесат за благостсојбата на наелението и за севкупниот просперитет на земјата што секако, помага за забрузвање на нашиот евроинтегративен процес“, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.
Седумнаесетте клучни приоритети на ОН до 2030, кои предвидуваат да нема глад и сиромашни, да нема дискриминација, осигурана здравствена заштита и образование, вработување и пристап до чиста вода и енергија, се поместени во стратегијата за која се обезбедени неопходните средства.
„Амбициозните цели бараат и сериозни средства, па вкупните финансиски средства за оваа нова 5-годишна програма изнесуваат 121 милиони долари, или нешто над 24 милиони долари годишно. За време на пролонгираната политичка криза, ОН се залагаа за почитување на човековите права кои се централен елемент на повелбата на ОН“, изјави постојаниот координатор на ОН во Македонија Луиза Винтон.
Винтон рече дека и вклучувањето во општеството се однесува и на Ромите и на лицата со специјални потреби. Организацијата е вклучена во справувањето со мигрантската криза и неодамнешните поплави. Партнерската релација со земјава ја реализираат 10 агенции на ОН со 221 вработен во соработка со 8 регионални или глобални центри.
Зоран Богатинов
