Ременски: Спасов да се повлече од функцијата
Министерката за труд и социјална политика Ременски го повика дополнителниот заменик- министер Диме Спасов да се повлече од политичката функција по сообраќајните инциденти од петокот вечерта. Одговорност бара и од неговиот возач.

Министерката за труд и социјална политика Ременски побара оставка од дополнителниот заменик- министер Спасов, поради, како што рече, неодговорното однесување и злоупотребите кои ги направил, а се поврзани и со сообраќајката што ја предизвикал во саботата. Го обвинува дека за приватни цели користел службено возило на Агенцијата за вработување. Противправно трошел средства за гориво.
„За приватни цели и интереси, противзаконски, управувал и располагал возило на Агенцијата за вработување на Република Македонија за што не постои, ниту пак може да постои, некаков документ за користење, решение, полномошно и налог, ја загрозил безбедноста на патниците во сообраќајот, нанаел материјална штета на возилото што го управувал, но и на возилата што ги удрил. Тој противправно трошел средства за гориво на МТСП за потребите на возилото кое не е сопственост на Министерството“, изјави министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевски- Ременски.
Ременски очекува МВР да го расчисти инцидентот, а до Владата и надлежните институции најави доставување на пријава за злоупотреба на службената положба на директорот на Агенцијата за вработување. Според министерката, тој спротивно на законот повеќе од двапати бил именуван како вршител на должност, а во моментот извршувал функција со истечен мандат.
Како што кажа, спротивно на правилникот за користење службени возила во сопственост на Агенцијата овозможил возила на АВРМ да им бидат на располагање на неовластени лица надвор од работно време и работни задачи, како и дека преку ИПА фонд се набавени возила за Агенцијата и за Државниот инспекторат за труд, констатирано и во ревизорскиот извештај.
Одговорност бара и од возачот на Министерството за труд и социјална политика , кој според Ременски, ја презел одговорноста за неодамнешниот инцидент, а не е личен возач на Спасов.
Наташа Гркова- Петрушевска
