САД со непроменет став за нашето уставно име
Најблискиот соработник на претседателскиот кандидат Хилари Клинтон, Џон Подеста кој има грчко потекло ја користи референцата ФИРОМ. Соединетите американски држави не го промениле ставот за признавање на уставното име на Република Македонија, вели портпаролот на Стејт Департментот, Џон Кирби.

Во неодамна објавениот и-меил од страна на „Викиликс“, шефот на изборниот штаб на Хилари Клинтон, Џон Подеста, којшто е грк по потекло, ја нарекува Македонија како Поранешна Југословенска Република Македонија. Македонската телевизија побара објаснување од портпаролот на Стејт Департментот Џон Кирби, дали Соединетите Американски Држави ќе ја сменат позицијата околу уставното име, ако Хилари Клинтон стане нов американски претседател.
„Соединетите Американски Држави продолжуваат да ги поддржуваат разговорите што се во тек за прашањето на името на Македонија под лидерство на Обединетите нации и решението за ова долгорочно недоразбирање. Се надеваме дека лидерите на Македонија и на Грција ќе најдат заемно прифатливо решение за спорот со името, пшто е можно побрзо, во интерес на евроатланската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста. Што се однесува, до идниот претседател, кој и да е, што ќе одлучи по ова прашање, тоа останува на него или на неа, да зборува во соодветно време. Јас можам да Ви кажам што се нашите ставови и политика по ова прашање“, изајви Џон Кирби, портпарол на Стејт Департмент.
Соединетите Американски Држави го признаа уставното име на Република Македонија во 2004-та година во времето на американскиот претседател Џорџ Буш. Од април оваа година, грчката невладина „Пан-македонска асоцијација“ во Америка собира потписи со барање администрацијата да ја смени одлуката на претседателот Буш.
Во досегашната пракса без разлика кој е американски претседател, американската надворешна политика останува непроменета.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
