МВР со три прекршочни пријави за Спасов
МВР поднесе три прекршочни пријави за Диме Спасов. Според министерот Спасовски тие произлегле од разгледаниот доказен материјал. Дополнителниот заменик- министер за труд и социјала денеска во телевизиско интервју рече дека бил цел на криминална местенка.
Напуштање на местото на сообраќајната незгода, не постапувањето по наредбата на полицаец и не приспособувањето на брзината на движење, три прекршочни пријави МВР му поднесе на дополнителниот заменик- министер за труд и социјална политика Спасов. Овие пријави вели министерот за внатрешни работи, Спасовски произлегле по разгледувањето на прибраниот доказен материјал.
Спасов во телевизиско интервју рече дека е цел на криминално- полициска местенка, за да му се нанесе штета врз угледот. Тој тврди дека додека го управувал возилото, го следеле две возила. Од едно од нив излегле лица со огнено оружје, го нападнале и бил вперен пиштолот во него. Тој оцени дека ситуацијата била тензична, па се обидел да избега.
Министерот за внатрешни Спасовски рече дека Спасов самиот себе си се намести, а доколку имало такво нешто требало да поднесе кривични пријави. Министерката за труд и социјала, Фросина Ременски пак, преку соопштение истакна дека Спасов манипулира и не е достоен да ја извршува функцијата.
Наташа Гркова- Петрушевска