Формирана коалицијата „ВМРО за Македонија“
„ВМРО за Македонија“- ова е името на коалицијата којашто ја формираа ВМРО-Народна партија, Достоинство и Обединети за Македонија. За шеф на изборниот штаб е избран Ден Дончев, кој рече дека како трета опција ќе се борат за слобода, демократија, економски просперитет и човекови права.

Коалицијата „ВМРО за Македонија“ формирана од ВМРО-Народна партија, Достоинство и Обединети за Македонија, како што беше речено, е трета опција на македонската политичка сцена. Тројцата лидери потпишаа договор за коалицирање и ги повикаа, како што велат, сите слободноумни граѓани да им се придружат во борбата за соборување на сегашниот режим и за изградба на нова, демократска и економски просперитетна Македонија.
Според Љубчо Георгиевски, сега е време за нова борба преку која ќе се дојде до целта поставена во раните деведесетти години, а тоа е самостојна, но и демократизирана Македонија. Никогаш во Македонија не било посозреано времето за една трета опција, рече Георгиевски.
Ова обединување, според Бошкоски, е многу значајно и потребно за Македонија, затоа што и треба слобода и демократизација.
За претседателот на Достоинство, е чест по 15 години, повторно да соработува со некогашниот премиер и со поранешниот министер за внатрешни работи.
Од новоформираната коалиција рекоа дека листата за кандидати за пратеници сѐ уште е во фаза на составување. Исто така, дополнително ќе биде презентирана и нивната политичка и економска платформа со која ќе настапат на изборите.
Бидејќи на оваа прес конференција не беа дозволени прашања, остана нејасно дали и со која од другите политички опции „ВМРО за Македонија“ ќе соработува по изборите.
Игор Панов
