Мијалков на распит во СЈО

04.11.2016 16:38

Поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, попладнево беше на распит во Специјалното јавно обвинителство. Се работи за предметот „Тортура“, што се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски. Не се откриваат повеќе детали за сослушувањето.

Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, по два часа распит во Специјалното обвинителство си замина без да даде изјава за медиумите и накусо искоментира дека тоа ќе го стори во друга прилика. Мијалков во присуство на адвокатот Никола Додевски беше сослушан во врска со предметот „Тортура“ каде што е првоосомничен.

Според Специјалното обвинителство, поранешниот директор на УБК еден ден по изборите во 2011 година наредил сурово и нечовечко апсење на лидерот на Обединети за Македонија- Љубе Бошкоски, а освен Мијалков во овој случај, според СЈО, бил инволвиран и командантот на полициските „Алфи“ – Ивица Антевски, викан Пуки.

Специјалното обвинителство против Сашо Мијалков води истрага и за случајот „Трезор“, за што побара од кривичниот суд да му одреди мерки за претпазливост.

Мијалков вчера повеќе од два часа беше на распит во скопска единица, по што судот денеска донесе решение дека предлогот на СЈО за одредување на мерките за претпазливост се одбиваат како неосновани.

Во случајот „Трезор“, Мијалков и уште тројца негови колеги од МВР се осомничени дека го оштетиле државниот Буџет за 860 илјади евра.

 

Анита Димитријевска