Американскиот претседател во посета на Грција

15.11.2016 13:11

Со максимано зајакнати мерки за безбедност во Атина пристигна американскиот претседател Барак Обама. Заедно со 300 лица од безбедносниот тим и 4.500 полицајци грчките служби ќе формираат и посебен кордон на патиштата по кои ќе се движи колоната автомобили. Преземени се и други дополнителни мерки на заштита.

За од прилика половина час во Атина се очекува да започне средбата меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и американскиот претседател Барак Обама кој што изутрината пристигна во дводневна посета на Грција. 

На атинскиот аеродром „Елфтерос Венизлос“, Обама изутрината беше дочекан од страна на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, а во моментов остварува и средба со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Во делегацијата на Обама, меѓудругите, е и помошникот државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд. Темите за кои што Обама разговара со грчкиот државен врв се билатералните односи меѓу Вашингтон и Атина, грчката економска криза, прашањето за бегалците и мигрантите, кипарското прашање, а според некои информации, ќе стане збор и за ветото на Грција околу членството на Македонија во НАТО алијансата.

Денеска во грчкиот главен град е воспоставен посебен сообраќаен режим, речиси сите улици од централното градско подрачје се затворени за сообраќај, а слично е и со метро станиците. За безбедноста на Обама се грижат околу 300 агенти на ЦИА и околу 3.000 грчки полицајци.

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ