Јолевски- Хојт Ји: Фер и кредибилни избори и побрза евроатлантска интеграција
Јолевски и Ји разговарале за актуелната политичка состојба и за претстојните предвремени избори во Македонија.
Во Вашингтон, средба меѓу министерот за одбрана Зоран Јолевски и американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји. Јолевски и Ји разговарале за актуелната политичка состојба и за претстојните предвремени избори во Македонија.
Како што информира Министерството за одбрана, Јолевски го уверил соговорникот дека македонската Влада има за цел изборите што ќе се одржат на 11-ти декемеври да бидат фер и демократски. Притоа нагласил дека евроатлантските интеграции се врвен надворешно политички приоритет за Македонија.
Хојт Ји, како што се наведува, истакнал дека САД имаат интерес Македонија што поскоро да стане членка на НАТО и ЕУ и оти доколку изборите бидат фер и кредибилни, САД ќе ја поддржат македонската Влада во нејзините евроатлантски интегративни процеси, во привлекувањето на странски инвестиции и во напорите за подобрување на економијата.
Министерот Јолевски упатил честитки до американскиот народ за новоизбраниот претседател Доналд Трамп и додал дека заемната соработка меѓу двете држави базирана на стратешкиот договор, ќе продолжи да се одвива по нагорна линија.
