„Таргет“- нов случај на СЈО

18.11.2016 14:54

СЈО покрена нов случај „Таргет“ за незаконското следење на комуникациите од 2008-ма до 2015-та година. Осомничени се десет лица, дел од нив и сега се вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. Обвинителството ги сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување. Во наведениот период според СЈО биле прислушувани 5.827 телефонски броеви.

„Таргет“ е новата истрага на Специјалното јавно обвинителство со која се опфатени 10 лица од Управата за безбедност и контраразузнавање. Од нив тројца биле на раководни фунции, а останатите од понискиот ешалон. Осомничени се дека од 2008-ма до 2015-та, користејки ја својата раководна позиција, прислушувале незаконски односно без да има судски налог. Според кажаното во СЈО, се прислушувале политичари, бизнисмени, но и новинари. Хари Костов, Ахмети, Тачи, Заев, Верушевски, Јанкуловска, Јанакиевски се дел од прислушуваните.

Според доказите што ги има прибавено СЈО, се прислушувало преку три системи, од кои два се уништени и се предмет на истрага во случајот „Тврдина“. Според обвинителката Фетаи, уништувањето на системите го пролонгирало времето за прибирање докази.

Оваа истражна постапка ќе има и свои импликации и во постапката по предметот „Пуч“. Обвинителката Фетаи истакна дека комуникацијата на дел од обвинетите лица во овој предмет биле незаконски следени, односно без судски наредби.

Според СЈО, во случајот „Таргет“, се правеле аудио записи и транскрипти по што дел од материјалите, прибавени од вработено лице во УБК, преку други лица, биле предадени на лидерот на опозицијата.

Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека е цврста да продолжи со нејзината работа и дека нема да молчиниту за една нерегуларност, ниту некој ќе биде заборавен во нејзината борба против безаконието.

СЈО проценило дека не е потребно да покренува барање на мерки на претпазливост против десетмината осомничени во „Таргет“.

 

Миле Ристески