Груевски: 600 милиони евра субвенции за македонскиот аграр
На митингот во Кавадарци лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е истовремено и носител на прaтеничката листа во четвртатата изборна единица ја претстави програмата „Реално“. Најави реконструкција на патот Неготино – Кавадарци во вредност од милион евра, нови 58 медицински апарати за болницата, две спортски сали и детска градинка...

Три милиони евра дополнителни субвенции ќе добијат лозарите по формирање на новата Влада. Оваа вест на кавадарчани им ја соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешниот митинг. Владата, рече Никола Груевски донела одлука да им исплати по 20 илјади денари на лозарите кои обработуваат половина хектар земјиште. Оние што имаат земја од половина до еден хектар- ќе добијат 15 илјади денари, а на оние со земја од еден до пет хектари на сметките ќе им легнат дополнителни 10 илјади денари. Ако неговата партија ја добие довербата да формира Влада, во наредните четири години со 600 милиони евра ќе го субвенционира македонскиот аграр - рече Груевски. На митингот во Кавадарци лидерот на партијата, кој е истовремено и носител на прaтеничката листа во четвртатата изборна единица ја претстави програмата „Реално“. Најави реконструкција на патот Неготино – Кавадарци во вредност од милион евра, нови 58 медицински апарати за болницата, две спортски сали и детска градинка.
Македонија ќе биде прва земја на Балканот што ќе има берза на свежи земјоделски производи, најави партискиот лидер. Проектот „Агро пазар“ ќе се реализира по моделот на амстердамската берза во источниот дел од земјата и ќе чини околу 20 милиони евра. Коалицијата „За подобра Македонија“ во која се здружени 24 партии оддржа митинг и во Неготино. Зборуваа и кандидати за пратеници од четворката.
Во изборната програма на Коалцијата „За подобра Македонија“ стои и дека се планирани 70 илјади нови работни места. Дел од нив ќе се вработат преку проектот Рурални развојни зони, а дел ќе се ангажираат со рестартирање на фабриките – жртви на транзицијата. Груевски појасни дека инвеститорите кои во наредите пет години ќе изградат хотел, фабрика или земјоделско дистрибутивен центар во било кое село во Македонија и ќе креираат 80 насто нови работни места, ќе бидат ослободени од данок на добивка и од персонален данок за вработените во период од 10 години, а нема да плаќаат ниту царина и ДДВ за увезената опрема за инвестицијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните масовно да излезат на избори и да ја дадат довербата за неговата Коалиција. Рече дека гласот за малите парии- е глас во празно, затоа што, како што рече, малите партии се формираат пред избори со цел да одвлечат дел од гласовите, а кога нема да освојат ниту едно пратеничко место, тивко заминуваат во историјата. 63 пратеници се потребни, рече Груевски за стабилна влада која ќе ги реализира проектите, и нема да дозволи да се остварат, како што истакна, мрачните сценарија на опозицијата за двојазичност на целата територија на земјата, федерализација и кантонизација на државата.
Анита Димитријевска
