Европратениците веруваат во фер избори

25.11.2016 16:01

Политичките партии се подготвени за фер и транспарентна трка- европратениците Вајгл, Флекенштајн и Кукан ги сумираа резултатите од денешните средби со политичките лидери. Очекуваат по изборите, новата влада да се врати на евроинтегративниот пат.

Убедени сме дека по изборите, новата влада ќе се врати на спроведување на приоритетите и евроинтегрциите, рече Иво Вајгл, известувачот на ЕП за Македонија. Во однос на работата на Специјалната јавна обвинителка европската тројка ја повторила поддршката за нејзината работа. Нагласиле дека е важно на јавните обвинителства да не се гледа како да заземаат страна или дека се заинтересирана страна во периодот пред и за време на изборите.

„Задоволни сме што постои дух на соработка меѓу нив, особено двете главни партии и нивните лидери за избегнување инциденти за време на изборната кампања. Имаме добра причина да веруваме дека изборите на 11-ти декември ќе бидат фер и демократски и дека ќе претставуваат почеток на едно ново време за Македонија“, изјави Иво Вајгл, европратеник и специјален известувач за Македонија од Алијансата на либерали и демократи во Европскиот парламент .

Кукан и Флекенстајн очекуваат дека ќе има кредибилни избори.  

„Се надевам дека ќе има веродостојни избори и дека новата влада веднаш ќе почне со имплементирање на приоритетните реформи со што земјата ќе покаже дека е посветена на евроинтеграциите и ќе почне да се придвижува во таа насока“, рече Едуард Кукан, европратеник од групацијата на Европската народна партија.

„Верувам дека Македонците во голем број ќе излезат на ибзори и ќе го дадат својот глас на изборите кои ќе бидат следени од голем број набљудувачи, како странски, така и домашни, а ние се враќаме една недела по изборите“, нагласи Кнут Флекенштајн, европратеник од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократи.

Европратениците денов ги почнаа со средба со специјалната јавна обвинителка, по што одделно разговараа со лидерите на СДСМ, ДПА, ДУИ, и со Никола Попоски како претставник на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Игор Панов