Заев: 140 милиони евра за помош на домашните фирми

28.11.2016 15:37

СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“ денеска се во Неготино и во Кавадарци, синоќа има митинг во Велес и во Свети Николе.

Без оглед на разликите меѓу нас, се обединивме во Коалиција за живот која се стреми да победи- беше кажано на митингот на опозициската коалиција предводена од СДСМ на митингот во Велес, кој е во третата изборна единица. Имаме обврска за враќање на оптимизмот, економскиот потенцијал и патриотизмот- рекоа говорниците пред присутните Велешани. Квалитетно здравство достапно за сите, образование во кое ќе нема екстеро тестирање, функционирање на правната држава ветуваат од опозициската коалиција. Во име на Кочо Рацин да покажеме дека го враќаме животот во Македонија- порача претседателот на Социјал- демократите Зоран Заев. Тој ветува 140 милиони евра за помош на домашните фирми, намалување на казните и фер даноци за сите граѓани.

Економијата може и мора да се стреми кон земјоделството рече носителот на листа во третата изборна единица Љупчо Николовски. Презентирајќи ја програмата за живот, Николовски рече дека се планираат субвенции за земјоделците на кои ќе им се помага во пласманот на нивните производи. Опозициската коалиција предвидува 6 милиони евра за гарантиран откуп на земјоделските производи. Николовски како дел од изборната платформа го издвои Законот за обештетување на стечајните работници, но и враќањето на дел од данокот на додадена вредност. Во програмата за живот, опозицијата предвидува дека просечната плата до крај на првиот мандат ќе ја зголемат на 16.000 денари, а социјалната помош според говорниците ќе изнесува 12.000 денари.

Пред Велес, коалицијата предводена од Социјал- демократскиот сојуз одржа митинг во Свети Николе. Излеговме пред вас со сиот наш потенцијал- рече Зоран Заев, кој побара подршка од граѓаните за планот за живот. На Македонија ѝ се потребни реформи нагласи Заев кој ги повика неопределените гласачи да размислат на кого ќе го дадат својот глас на 11-ти декември.

 

Миле Ристески