Заев: Добри економски и стабилни политики за напредок
Коалицијата предводена од СДСМ попладнево одржува митинзи во Македонска Каменица и во Делчево. Синоќа, нивната програма и носителите беа претставни во Неготино и во Кавадарци.

За да има напредок се потребни добри економски и стабилни политики со одговорна влада за потребата на граѓаните, порача лидерот на СДСМ и носител во четвртата изборна единица, Зоран Заев на митингот во Кавадарци. Пред кавадарчани вети просечната плата од 30 илјади денари, нови работни места, помагање на домашните мали и микро претпријатија со 140 милиони евра. Лидерот на СДСМ рече дека во Македонија може да има нови вработувања ако се отклучат катанците на затворените домашни фирми. Тој на земјоделците им вети гарантиран откуп на грозјето, а цените ќе се знаат уште од мај. Рече дека државата ќе има интервентен откуп, лозарите нема да висат пред откупните пунктови, владата ќе ги преземе обврските, а на лозаропроизводителите ќе им остане, вели, само да произведуваат. Кавадарци ќе биде високо позициониран со ваши луѓе во новата извршна власт, вети пред кавадарчани лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Говорниците на митингот во Кавадарци се осврнаа на како што рекоа петте точки во изборната програма, што ќе го сменат животот на граѓаните. Меѓу нив ги наведоа институцијата во служба на граѓаните, правда за сите, бесплатно болничко лекување.
Опозицискиот лидер на земјоделците им вети субвенции за 160 милиони евра, да ги користат тогаш кога најмногу ќе им требаат и воведување на зелената нафта. Заев вети и поврат на 15 проценти од ДДВ кои луѓето ги плаќаат во сметките. Тоа е, вели, плус една плата во семејство. Пред сограѓаните се обрати и кандидатот за пратеник Бетијан Китев која вети дека нема да дозволи да се повтори бербата 2016-та, а во програмата е посветен голем дел за земјоделците.
Претходно изборната програма и кандидатите за пратеници на СДСМ и коалицијата одржаа митинг во Неготино. Пред сопартијците и поддржувачи неготинци, говорниците ветија враќање на достоинството на сите граѓани. Побараа поддршка за реализација на планот и програмата кој бил темелен на факти, историја и на реалност.
Наташа Гркова- Петрушевска