Трамп ќе има поголема наклонетост кон Балканот отколку неговиот претходник

30.11.2016 10:33

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе има поголема наклонетост кон Балканот отколку неговиот претходник. Во врска со Европа и НАТО, Трамп ќе има слични ставови, оценува експертот на фондацијата „Херитиџ“, Лук Кофи. Според него, иако шефот на кабинетот на Трамп е грк по потекло, тој нема да има проблеми со уставното име на Македонија.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во првите две години од својот мандат нема да биде многу инволвиран во Европа, но бидејќи неговата сопруга е од Словенија, ќе има поголема наклонетост кон Балканот отколку Барак Обама, оценува Лук Кофи, директор на институтот „Дејвис“ за национална безбедност и надворешна политика при фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон.

„Трамп може да се заинтересира повеќе за овој дел од светот отколку претседателот Обама. Во однос на неговиот интерес кон Европа, НАТО и односите со Русија, се сомневам дека ќе следи сличен пат како Обама. Нема да му биде многу грижа за Европа отпочеток и ќе се обиде да склучи договор со Русија. Потоа по две години, ќе сфати брзо дека Европа се уште е многу важна за САД и дека Русија е држава на која не може да и се верува. Само се надевам дека нема ова да го открие на потешкиот начин, туку ќе учи од претходните искуства“, вели Лук Кофи.

Иако шефот на кабинетот на Трамп, Рејнс Прибас е по потекло грк од Висконсин, тоа нема да има влијание врз ставот на Трамп кон уставното име на Македонија и нејзината евроатланска интеграција, вели експертот на фондацијата „Херитиџ“.

„Можеби грешам, но ќе се изненадам ако се стави важност на ова. Научивме од и-мејловите на Подеста дека тој сака да се обраќа на Македонија како Поранешна Југословенска Република Македонија, наместо нејзиното уставно име. Но, ако САД ја притиснат Грција да дозволи Македонија да се придружи на НАТО под референцата, тоа ќе биде прогрес и подобрување. Сакам да мислам и да се надевам дека кој и да е во Белата куќа, дека ќе ја разгледаат ситуацијата објективно и ќе видат дека за доброто на Алијансата и за доброто на регионот, е важно Македонија да се придружи на НАТО. Од друга страна, Македонците ќе треба да прифатат членство во НАТО според референциата согласно Времената Спогодба“, смета Кофи.

По преземањето на функцијата претседател во јануари, Трамп најави дека ќе ги подобри односите со Русија, особено соработката во борбата против тероризмот, дека ќе го поништи договорот со Иран и дека ќе ги прекине односите со Куба, доколку не се подобри демократијата во оваа држава. 

Никој со сигурност не може да каже кои ќе бидат првите одлуки на Доналд Трамп како претседател за надворешната политика.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ