„Ден на дрвото“: Повеќе од 2,6 милиони садници на над 550 хектари

30.11.2016 12:41

17-тa по ред акција „Ден на дрвото“, овој пат под мотото „Засади еко-иднина“. Ќе се засадат повеќе од 2,6 милиони садници на над 550 хектари.

Ученици, административци, граѓани- се вклучија во пошумување на градските средини. Во паркот во Ново Лисиче, беа и средношколците Никола и Гала. Засадија дрвце и упатија порака- да се грижиме за животната средина, да ги чуваме, а не да ги кршиме дрвјата.

„Првенствено треба да се едуцираат граѓаните да не ги кршат дрвјата, а потоа да садиме дрвца. Вака мислам дека ништо нема да успееме, да ги садиме, а потоа да ги кршат и уништуваат“, вели средношколецот Никола Манџуковски.

„Убаво е ова што се прави за нашата средина, убаво е што ги организираат училиштата. Се надевам дека ќе ги чуваме овие дрвца“, додава неговата соученичка Гала Атанасова.

Во оваа есенска акција, метрополата ќе биде збогатена со 256 илјади дрвја. Се пошумуваат и руралните средини.

„Се сади и во руралниот дел, во Брњарци, на дел од Скопска Црна Гора. Што е многу важно се пошумува со голем број дрвца и обиколницата кои ќе придонесат за намалувањето на ерозијата“, вели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Надлежните велат дека годинава временските услови се погодни за пошумување. Задоволни се од успешноста на досегашните акции. Во изминативе 8 години се засадени вкупно 36 милиони млади дрвца.

„Вкупниот просек од сите години откако почна акцијата „Ден на дрвото“ заклучно со 2015-та година е 45,6 проценти. Европскиот процент е 35 насто, се што е над 35 проценти се смета за успешно“, изјави Жарко Караџовски, директор на „Македонски шуми“.

„Непроценлив е процентот на засадена свест кај најмладите граѓани и воопшто кај сите граѓани на Република Македонија. Денеска е празник на еко- иднината насекаде околу нас можете да видите убавина“, изјави Кристина Николовска, дел организацијата „Ден на дрвото“.

Во годинашнава есенска акцијата се вклучија и вработените во Македонската радио - телевизија. Се садеа чемпреси.

Придобивките од пошумувањето се повеќе од јасни. Секој од нас со многу малку труд и време може да даде значаен придонес за чиста животна средина. Да засадиме здравје, тоа им го должиме на нашите идни поколенија.

 

Андријана Атанасовска