Потребни се повеќе пари за справување со ХИВ/ СИДА

01.12.2016 15:45

Нови 37 инфицирани од ХИВ годинава во Македонија, двајца починати. На светскиот ден на СИДА-та невладините на протестен марш. Предупредуваат- земјава се оддалечува од глобалните заложби за стопирање на епидемијата. Бараат ургентна корекција на буџетот за финансирање на програмите за превенција.

Нови 37 ХИВ инфицирани, од нив двајца починале- најголем дел се мажи. Ова се податоци за годинава објавени на Светскиот ден за борба против СИДА-та.

Со едноминутно молчење граѓанските здруженија за превенција од ХИВ им одадоа почит на починатите од заразната болест. Преку протестен марш алармираа за скратениот буџет кој го издвоила државата за идната година, од 65 на 27 милиони денари. Велат на овој начин ќе се зголеми бројот на новозаболени и починати.

„Ургентно да се направи корекција на буџетот за ХИВ за 2017 година, во согласност со проценките направени од експертите ангажирани од Министерството за здравство, за годишно финансирање на терапијата за ХИВ и шестмесечно финансирање на програмата за превенција и грижа од ХИВ за 2017 година“, рече Силвана Наумова, платформа за превенција и поддршка од ХИВ.

Во јули идната година завршува финансиската помош од глобалниот фонд за Македонија. Токму преку оваа поддршка, земјава ја задржа ниската стапка за ХИВ досега.

„Владите во нашиот регион, го финансираат одговорот кон ХИВ и кон туберкулоза. Но она што е потребно е да се зголеми финансирањето. И не само тоа, потребни се поголема соработка и партнерство меѓу владите и граѓанскиот сектор“, изјави Аида Куртовиќ, потпретседател на Глобалниот фонд.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, вели дека терапијата за болните од ХИВ за идната година е набавена, се чека испораката.

„Дали овие средства ќе бидат доволни за покривање на сите пациенти во моментов не можеме да процениме. Она што можеме да го процениме со валидни светски индикатори со кои се проценува развој на епидемиска појава мора да ги оствариме целите. Но, дали ќе бидат доволни зависи од тоа со каква епидемија ќе се сретнеме во 2017-та година“, нагласи проф. д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Во Македонија има 308 случаи на заболени од ХИВ/ СИДА. Во светот пак, 78 милиони луѓе живеат со ХИВ, досега 35 милиони починале од болести поврзани со СИДА-та.

 

Андријана Атанасовска