Заев: Граѓанинот е во нашиот фокус

02.12.2016 15:27

Главните точки во платформата се направени во соработка со граѓаните и нивните потреби, рекоа говорниците на митингот во Штип.

Опозициската коалиција предводена од Социјал демократскиот сојуз во третата изборна единица предизборен митинг одржаво во Штип каде пред граѓаните ја презентираа програмата за живот. Главните точки во платформата се направени во соработка со граѓаните и нивните потреби, рекоа говорниците на митингот во Штип. Подобро здравство, образование, субвенции за земјоделците се дел од точките кои ги образложија во Штип носителот на листа во третата изборна единица Љупчо Николовски и претседателот на Социјал- демократите Зоран Заев. Граѓанинот е во нашиот фокус- истакнаа тие. Ќе се стремиме младите да ги задржиме во земјата со отворање нови работни места и субвенции за домашните фирми. Од градот каде, како што рече, е одржана првата опера во Македонија, кој е град на текстилните и кожарските работници, Заев најави поголема минимална плата која до крајот на мандатот ќе достигне 16.000 денари.

Како што рече претседателот Глигоров, Македонија е сѐ што имаме- истакна носителот на листа на опозициската коалиција Љупчо Николовски. Државата мора да служи на граѓаните, а Штип е бастион на слободата и демократијата, истакна тој. Нов студентски центар во Штип, вети Николовски, и посочи дека во планот за живот имаат проект гаранција за младите, преку кој ќе им се овозможи продолжување на школувањето или ќе им се помогне да започнат свој бизнис.

Пред Штип опозициската коалиција предводена од СДСМ предизборен митинг одржа во Пробиштип. Во петте точки од програмата, коалицијата предвидува субвенции за земјоделците, со поефтина зелена нафта, подршка за пласман на производите и помош ако дојде до пореметување меѓу производството и побарувачката. Пред граѓаните беше ветена и подршка за домашните фирми преку субвенционирање со цел отворање нови работни места.

 

Миле Ристески