Заев: Законот подеднакво ќе важи за сите

06.12.2016 15:37

Целосна гасификација на градот со цел намалување на трошоците за енергетика, позиционирање на Охрид како регионален и европски здравствен туристички центар со вмрежување на здравствените институции- ветуваат говорниците од опозициската коалиција...

Ќе го вратиме сјајот на Македонија и на балканскиот бисер, Охрид да биде град на светлината и младоста- ова е пораката од митингот на коалицијата предводена од СДСМ. Целосна гасификација на градот со цел намалување на трошоците за енергетика, позиционирање на Охрид како регионален и европски здравствен туристички центар со вмрежување на здравствените институции- ветуваат говорниците од опозициската коалиција. Тие најавија и ревизија на сите законски одредби кои се однесуваат на природното, културното и историското наследство, но и ревизија на инфраструктурните проекти кои би нанеле штета на Охрид и Охридското Езеро. Законот повторно во Македонија поеднакво ќе важи за сите, ќе има функционална правна држава- порача претседателот на Социјал- демократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев пред охриѓани.

Ќе овозможиме фер шанса за сите- рече носителот на листа во петтата изборна единица Радмила Шеќеринска. Нашиот приоритет се младите и нивното останување во Македонија, вели Шеќеринска. Според неа во програмата за живот за младите предвиделе 10.000 евра субвенционирање за добра бизнис идеја. Старт- ап центар во кој младите ќе го водат својот бизнис од бесплатно добиена канцеларија. Институциите ќе бидат во функција на граѓаните за да ги решаваат нивните проблеми- порача Шеќеринска.

Претходно коалицијата предводена од СДСМ митинзи одржаа во Дебар и Струга. Пред стружани ветија намалување на фондот на часови и бројот на предмети во основното образование, воведување практична настава во средното и укинување на екстерното тестирање. Социјал- демократите ветуваат за четири месеци минималната плата дека ќе се зголеми на 12.000, а до крајот на мандатот на 16.000 денари.

 

Миле Ристески