Димитриев - ДИК: Исполнети сите услови за фер избори

06.12.2016 16:44

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска имаше средба со членовите на Државната изборна комисија, на која присуствуваа и дел од членовите на Владата на Република Македонија.

Изводите од избирачкиот список се готови, испечатени се гласачките ливчиња. Сите подготовки се при крајот, истакнале од Државната изборна комисија на средбата во Владата со премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев. Изборните паравани веќе се делат, а во петок наутро гласачките ливчиња и избирачкиот список ќе бидат однесени на гласачките места.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, детално се разговарало за сите активности поврзани со изборниот процес и денот на изборите. Заеднички било констатирано дека ваквиот вид средби, досега, директно придонеле за целосно реализирање на сите предвидени активности поврзани со подготовката и организацијата на изборниот процес, при што уште еднаш била констатирана заедничка цел за одржување фер, демократски и кредибилни избори, за кои, како што било констатирано, се создадени сите потребни услови.