Груевски: Што побрзо да се формира нова Влада
Треба што побрзо да се формира новата влада, да продолжиме со силното темпо на работа и да се вратиме на патеките на економијата, на сите реформи поврзани со членството во ЕУ и во НАТО, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред партиските поддржувачи на синоќешниот собир откако ДИК објави дека на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, а СДСМ 49.

По објавувањето на првичните резултати од ДИК, пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, но и во земјава, приврзаниците, членовите и граѓаните кои гласаа за Коалицијата „За подобра Македонија“ излегоа на плоштадите да ја прослават победата од освоени 51 мандати.
Пред палатата „Христо Татарчев“ раководството на партијата победата ја прослави со отворање на шампањско. Претседателот на партијата, Никола Груевски. Кој воедно ја предводеше коалицијата „За подобра Македонија“, претходно пред седиштето на Државната изборна комисија ги најави преговорите за владеачка коалиција и формирање влада. Со ова ќе создадеме услови кризата да заврши, народот тоа го бара од нас оти му е преку глава од неа и од оние кој ја создадоа, изјави Груевски.
„Мојата главна порака е што побрзо да се формира новата влада, да продолжиме со силното темпо на работа, да се вратиме на патеките на економијата, да се вратиме на патеките на сите реформи, вклучувајќи ги и оние поврзани со членството во Европската унија и НАТО и на отворањето на нови работни места во Македонија, како и поддршка на сите категории граѓани“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Груевски нагласи дека приоритет ќе биде намалувањето на политичкиот јаз меѓу граѓаните за нивно обединување, бидејќи СДСМ во желбата за победа внеле многу гнев меѓу граѓаните во Македонија. Заблагодарувајќи се на поддршката, Груевски ги посочи и честитките од Европската унија, но и неопходноста од конструктивност на опозицијата.
Миле Ристески
