Иванов: Да се почитува волјата на граѓаните
Македонија исполни еден од клучните услови од Пржинскиот договор и како што додаде шефот на државата, ја повикувам ЕУ да најде начин и да овозможи напредок на државава на евроинтегративниот пат, изјави денеска претседателот Иванов...

Покажавме демократска зрелост и го потврдивме нашиот капацитет за спроведување фер, слободни, мирни и демократски избори- изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов. Македонија исполни еден од клучните услови од Пржинскиот договор и како што додаде шефот на државата, ја повикувам ЕУ да најде начин и да овозможи напредок на државава на евроинтегративниот пат.
„Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи. Релевантните домашни и меѓународни институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава. Им честитам на сите институции кои одговорно ја завршија својата работа и овозможија регуларност и кредибилитет на изборите“, изјави претседателот Иванов.
Иванов додаде дека во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, очекува во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија.
