Откупени над 12 илјади тони тутун- 191,20 денари просечна цена

19.12.2016 14:33

12 милиони килограми тутун од годинашнава реколта откупиле девет, од десетте компании. Откупот тече без проблеми, од квалитетот се задоволни и производителите и откупувачите. Од Инспекторатот за земјоделство велат околу два милиони килограми што требало да ги откупи фирмата со која не склучиле договор ќе ги преземат другите откупувачи.

Повеќе од половина од годинашната реколта тутун е откупена. 12 илјади тони презеле компаниите. Процесот тече без проблеми- тврдат од Инспекторатот. Само една од десетте регистрирани компании не ги исполнила условите, избришана е од регистарот, родот земјоделците ќе го предадат на другите откупувачи- уверуваат надлежните. Просечната цена за килограм достигнала 191,20 денари.

„Оваа откупена количина досега е исплатена во 81 процент кон тутнопроизводителите. Откупот тече без проблеми и без ниту една пријава од земјоделците. Земјоделците не треба да бидат загрижени дека нивниот род ќе пропадне, Инспекторатот е во преговори со други компании, има голем интерес, ќе се преземе договореното количество тутун“- вели Цветан Трипуновски, директор на Инспекторатот за земјоделство.

Годинава се очекува да бидат откупени околу 20 милиони килограми тутун, родот е со висок квалитет, задоволни и тутунопроизводителите и откупните центри.

„Откупот тече норамлно, нема проблем со квалитетот, инспекторатот е на терен, се контролира сѐ“, вели Данчо Милевски, претседател на Здружение на тутунопрозиводители на РМ.

Ако процесот се одвива со сегашната динамика, до средината на јануари се очекува да биде откупен целиот род од годинашната реколта. Во државава има 30-тина илјади регистрирани земјоделци што одгледуваат тутун.

 

Сузана Фиданска- Стоевска