Партнерство за подобра бизнис регулатива

19.12.2016 15:25

Поедставни закони кои нема често да се менуваат и кои лесно ќе се применуваат во реалниот сектор. Три стопански комори влегоа во заеднички проект за подобрување на бизнис- регулативата.

Три бизнис- заедници, со здружени сили, ќе го подобруваат економскиот амбиент што ќе овозможи раст и развој, пред сѐ на микро и малите претпријатија, и нивна подобра усогласеност со законската регулатива. Ќе се прават анализи на нови предлог законски решенија, ќе се поддржува ефикасен систем за носење одлуки и подобра размена на информации и знаење, што ќе овозможат воспоставување конструктивен јавно-приватен дијалог.

„Покрај градењето капацитети на сите релевантни чинители, со овој проект ќе се направат напори и за подобрување на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор. Понудените решенија кон кои целиме ќе созададат ефективен систем на носење на одлуки и барања, како и подобрен процес на информации во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни“, изјави Љубомир Димовски- „ЕПИ Центар интернационал“.

„Наша цел е истотака да овозможиме вклученост на компаниите надвор од Скопје, односно од целата територија на државата,преку нашата мрежа на регионални комори“, вели Елена Милевска-Штрбевска, Стопанска комора на Македонија.

„Инволвираноста на МАСИТ нема да резултира само со влијание за подобра бизнис регулатива во ИКТ индустријата, туку ќе има значење за целокупната бизнис заедница во Македонија“, изјави Горан Поповски- претседател на УО на „МАСИТ“.

Четиригодишниот проект ќе се реализира со техничка и финансиска поддршка на УСАИД, вредна 1,9 милиони долари.

„Наша главна цел е да ја подобриме конкурентноста на малите и средните претпријатија, да им помогнеме да растат и да создаваат нови работни места,преку давање директна поддршка на самите фирми и остварување соработка со Владата за подобрување на политиките од кои зависи поволноста на бизнис средината и растот на приватниот сектор“, изјави Џејмс Стеин, директор на УСАИД-Македонија.

Проектот ќе биде фокусиран претежно кон четири сектори: земјоделството, текстилот, информатичко- комуникациските технологии и градежништвото. Ќе бидат застапени фирми од сите географски региони од земјава, а најмалку 30 насто од корисниците ќе бидат жени претприемачи.

 

Свето Николовски