Управниот суд е на потег

19.12.2016 15:48

Истече рокот за поднесување тужби до Управниот суд за одлуките на Државната изборна комисија. Четири се од СДСМ за гласањето во шестата изборна единица, една е од ВМРО-ДПМНЕ против решението на ДИК за прифање на приговорот на БЕСА. Сега, Управниот суд треба да се произнесе. За попладнево се закажани јавни седници, на кои ќе се одлучува по две тужби, поднесени од Социјалдемократите.

Пред советот од петмина управни судии на маса се петте тужби поднесени од политичките партии кои се незадоволни од решенијата на Државната изборна комисија. Четири тужби поднесе Социјал- демократскиот сојуз на Македонија, а една е од ВМРО-ДПМНЕ. Таа тужба се однесува на единствениот прифатен приговор од ДИК, а се однесува за поништено гласање на избирачкото место 3961 во Гостивар. Пред да го донесе решението и да го поништи гласањето таму, ДИК побара и графолошко вештачење на еден потпис.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат, ваквата незаконска одлука на ДИК директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата „За подобра Македонија“ и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ.

„Оттука, вештиот наод и мислење на вештото лице дадено во постапката и изведено како доказ во постапката на ДИК е во целост спорно од формален но и од материјален аспект, но и по однос на резултатите од истиот. Дополнително, вештото лице, согласно член 5 од Законот за вештачење, воопшто не било законски овластено да врши вакво вештачење. Имено, Законот таксативно предвидува дека вештачење можат да вршат само: високообразовна установа, научна установа и стручна установа, трговец поединец-вештак основан согласно ЗТД кој има вработено најмалку едно лице со лиценца за вештачење и трговско друштво регистрирано согласно ЗТД кое има вработено најмалку две лица со лиценци“, изјави Никола Тодоров, член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ВМРО-ДПМНЕ информираат дека поднеле низа докази и аргументи со кои, како што велат, ја потврдуваат неоснованоста на одлуката на ДИК, бидејќи се прекршени низа законски одредби при одлучувањето. Апелираат да не се врши притисок врз Управниот суд бидејќи тоа би било фалсификување и крадење на волјата на граѓаните со пост изборен инженеринг. Социјал- демократите пак преку соопштение констатираат дека институциите вклучувајќи го и Управниот суд се должни да работат единствено во интерес на граѓаните.

Веќе тече рокот од 48 часа во кои Советот од управни судии треба да ги разгледа тужбите и да донесе одлука по нив. Поради расправата во ДИК пролонгиран е рокот за објавување на конечните резултати. Резултатите ќе бидат познати откако ќе се произнесе управниот суд и доколку нема прегласување на оспорено гласачко место.

 

Миле Ристески