Над 3.000 граѓани побарале помош од организациите за заштита на потрошувачите
Годинава над 3.000 граѓани побарале помош од организациите за заштита на потрошувачите во земјава. Најголем дел, се жалеле на неквалитетни производи или проблеми во гарантниот рок, сервисирањето, а во делот на услугите доминираат жалбите на работата во телекомуникацискиот сектор.

617 скопјани годинава побарале помош за заштита на своите потрошувачки права. Се жалат на продажба на неисправни производи, проблеми во гарантниот рок, предолгото сервисирање, лажните попусти.
„Три месеци и ја вратија, ми зедоа уште 300 денари затоа што ја отвориле пеглата, констатирале дефект и ништо понатаму.“
„Тоа е само камуфлажа. Нема врска со попуст. Една цена ти кажуват надвор, а друга внатре.“
„Треба да ги отвараме очите и да внимаваме што купуваме“, велат граѓаните.
Статистиката покажува дека најмногу реакции има на квалитетот на мобилните телефони, телевизорите, лап топ компјутерите, таблетите и мебелот.
„Од 371 неквалитетен производ, предничи белата техника со 71, тука се машините за перење, климатизери и слично што се расипуваат. Техничките апарати како мобилни телефони, телевизори, видео екрани, компјутери кои ги има 120. Производи во домот се повеќе се застапени, мебелот со 38 поплаки, вкупно се 65“, вели Маријана Лончар-Велкова, Организација на потрошувачите на Македонија.
„За сите граѓани- мобилните телефони каде што се купуваат треба да имаат минимум 2 години гаранција. Сѐ што е под 2 години, очигледно се работи за „секнд хенд“ што би се рекло или се работи за мобилен апарат со гаранција од 6 месеци или 1 година“, нагласи Марјан Додовски, претседател на Совет за заштита на потрошувачите на Град Скопје.
До септември 2017 се најавува носење нов закон за подобра заштита на правата на потрошувачите, особено во делот на гаранцијата, сервисирањето, што го бараат и стопанските комори, но и означување на цените и регулирање на акциските продажби кои според Лончар-Велкова не се разбирливо уредени со постојната регулатива.
Свето Николовски
