Управниот суд прифати по една тужба од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, останатите ги одби
Управниот суд уважи една тужба на СДСМ за избирачко место во Теарце и една на ВМРО-ДПМНЕ за избирачко место во Гостивар. Одлуките на Управниот суд се конечни.

Во недела ќе се прегласува во општина Теарце. Попладнево Управниот суд ја уважи тужбата на СДСМ за избирачкото место 2011 во 6-та изборна единица. Се преиначува решението на Државната изборна комисија по приговорот на коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Гласањето на едно избирачко место во општина Теарце се поништува, стои во одлуката на Советот на судии на Управниот суд, објавена на нивната интернет страна.
По однос на тужбата поднесена од Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО- ДПМНЕ, петчлениот Совет на Управниот суд донесе одлука дека таа се уважува, односно решението на ДИК по приговорот на движењето БЕСА се преиначува. Тужбата од ВМРО- ДПМНЕ се однесуваше на одлуката на Државната изборна комисија за едно гласачко место во општина Гостивар во 6-та изборна единица. Мнозинството членови на ДИК решија да се направи графолошко вештачење на потписот на еден гласач. Ваквото решение ВМРО- ДПМНЕ го оцени како противзаконско.
Управниот суд пак, како неосновани одби три тужби поднесени од коалицијата предводена од СДСМ, односно го потврди решението на ДИК со кое беше одбиен нивниот приговор за изборни неправилности на две избирачки места во општина Тераце и едно во општина Тетово.
Одлуките на Управниот суд се конечни.
Андријана Атанасовска
