ДИК со одлука: В недела ќе се прегласува на избирачкото место 2011 во општина Теарце

21.12.2016 16:41

Државната изборна комисија донесе одлука- в недела ќе се прегласува на избирачкото место 2011 во општина Теарце. Откако се произнесе Управниот суд, ДИК направи симулација и процени дека повтореното гласање може да влијае врз бројот на освоени мандати во шестата изборна единица. На 11-ти декември, на ова избирачко место, најмногу гласови имаше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Државната изборна комисија, на седница  донесе едногласна одлука да се повтори гласањето на избирачкото место 2011 во општина Теарце во шестата изборна единица на 25-ти декември, во недела. Според симулацијата направена од ИТ- секторот на ДИК, прегласувањето може да влијае на резултатот од изборите, односно на бројот на освоени мандати на политичките партии во шестата изборна единица. Прегласувањето е во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Според претседателот, решението се донесува врз база на пресудата на Управниот суд кој што ја уважи тужбата на СДСМ и го поништи гласањето во Теарце.

На избирачкото место 2011 во Теарце во Избирачкиот список се запишани вкупно 714 гласачи. На 11-ти декември на гласање излегле 404, односно нешто помалку од 57%. Од нив, 91 гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата.

Според добиените гласови, во шестата изборна единица, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата 4, Беса 3, СДСМ и Коалицијата 3, Алијанса за Албанците и ДПА освија по 2 пратеника.

 

Игор Панов