Битола: Последни подготовки за дочекот на Новата година

30.12.2016 12:43

Битолчани ги прават последните подготовки за дочекот на Новата 2017-та. Овојпат ќе изостане организираниот дочек на плоштадот „Магнолија“, но ваквата одлука е во прилог на веќе распродадените ресторани. Ваквата состојба за двојно ја зголеми бројката во одност на лани на оние кои отпатуваа во европските метрополи и одморалишта.

Старата дама Битола блеска во своето новогодишно руво. Одлуката да нема организиран дочек на плоштадот „Магнолија“ не ја намалува моќта на новогодишната магија. На ден до воведот во највеселата ноќ се прават последните подготовки, местото на дочекот веќе е утврдено, а желбите смислени.

„Јас сум во години, ќе славам дома и сакам во Новата година конечно да се надминат актуелниве кризи во земјава“, вели еден постар битолчанец.

„Посакувам здравје во семејството и добробит за сите жители во нашата татковина“, додава негов сограѓанин.

„Годината да ни биде берикетна“, вели минувач на „Широк Сокак“.

„Имам желба на љубовен план, а за дочекот ќе бидам во друштво со моите другари“, вели една битолска тинејџерка.

Отсуството на организиран дочек на отворено ги сплоти сопствениците на рестораните и кафулињата. Соработуваат меѓу себе како никогаш досега, зошто се бара место повеќе, а цените се на ланското ниво.

„Актуелнава состојба влијаеше веќе од порано сме исполнети до последно место. Таква е состојбата и во останатите битолски ресторани, помагаме и соработуваме меѓу себе за да излеземе во пресрет на граѓаните. Важно е и тоа што цените се популарни, од 1.100 денари со неограничен пијалок“, изајави Јанче Јанчевски, сопстевеник на ланец ресторани.

Доживувањето што го носи најдолгата ноќ посилно и од актуелните состојби со кои се соочува Европа. Околу 1.000 битолчани, или двојно повеќе во однос на лани, ќе прославуваат надвор од земјава. Половината од нив заминаа во јужното соседство.

„Имавме зголемено барање за Лутраки во Грција. Цените навистина беа популарни и е доста блиску“, вели Маја Минчевска, туристички работник.

Резервациите на останатите се за Банско, Истанбул, Будимпешта, Прага и Виена како една од поатрактивните дестинации.

Стевче Митревски