Снегот го отежнува сообраќајот, дежурните екипи постојано на терен

05.01.2017 15:04

Поради снегот што паѓа од ноќеска во поголемиот дел од државава, патниот, железничкиот и авиосообраќајот се одвиваат во зимски услови. Поради снежните врнежи воведена забрана за движење на тешки товарни возила на неколку патни правци...

Поради снежните врнежи сообраќајот низ целата земја се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози на места и со снег на коловозите, особено во северниот, западниот и југозападниот дел од државата. Според „Македонија пат“ можна е појава на помали одрони како што се патните правци Кочани- Македонска Каменица- Делчево, Виница- Берово, Гостивар- Стража, Маврово- Дебар- Струга, Демир Капија- Удово, Катланово- Велес, Крушево- Демир Хисар и Ресен- Буково. На дел од патните правци има забрана за движење на тешки товарни возила. Од „Македонија пат“ велат- дежурните екипи се постојано на терен за да ги одржуваат сите патни правци проодни.

„ЈП Македонија пат има 37 пункта, дисперзирани низ Република Македонија, со посебен акцент на планинските превои и главните патни крстосници. Зимските пунктови се поделни на две групи, на планински и рамничарски. Пред еден месец истите се ставени во втор степен на целосна подготвеност“, изјави Штерјо Филиповски од „Македонија пат“.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетуваат дека возачите кои нема да ги почитуваат правилата за користење зимска опрема, предвидени во законот за безбедност на патниот сообраќај, ќе им биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода.

Според законот полициските службеници, можат да му наредат на возачот да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Таква наредба може да добие возачот ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. Согласно законските одредби, полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.

И од Автомото сојуз, излегоа со препорака за исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата почна да важи од 15-ти ноември 2016 година, а ќе трае до 15-ти март 2017 година.

Фиљана Кока