Скршеници и повреди од паѓање на мраз
Здравствените служби во земјава примиле случаи со скршеници поради мразот. Најчести пациенти, и понатаму се болните од грип. Бројката на заболени од вирусот порасна на 16 илјади.

Скршениците на нога или рака, како и други повреди од паѓање на мраз ги полнат ординациите во болниците. Околу 50 граѓани во источниот регион побарале помош поради скршеници и повреди. Десетина случаи со фрактури на екстеримитетите имало во Струмица, Велес, Прилеп. Бројот на граѓани со ваков проблем во изминативе денови двојно го зголемиле и бројот на интервенции во итната медициснка помош во главниот град. Но велат, полека состојбата се нормализира.
Но, остануваат повиците поради влошување на состојбата на хронично болните поради грип или настинка. Официјално, досега во земјава, се регистрирани околу 16.000 заболени од грип.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, со исклучок на пандемиската 2009/2010, пред шест години, бројот на пријавени случаи на болни од грип во изминативе седум дена е највисокиот регистриран во последните 10 години. Вкупниот број пријавени случаи ја надминува границата на многу висока активност.
Најмногу заболени има во Скопје, Струмица, Велес и во Кавадрци. 66 проценти од регистрираните се на возраст од 15 до 64 години. Лекарите смируваат. Снегот ќе не спаси од грипот. Се надеваат дека и годинава нема да се прогласи епидемија на ова сезонско заболување.
Наташа Јанчиќ
