Иванов ќе му го врачи мандатот за состав на влада на Груевски

09.01.2017 12:13

Мандатарот, според Уставот, има рок од 20 дена за формирање влада...

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во 13 часот ќе го врачи мандатот за состав на влада на Република Македонија на Никола Груевски, претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, соопшти Кабинетот на македонскиот претседател.

Рокот кога претседателот Иванов треба да го довери мандатот за формирање влада на кандидат на партијата, односно партиите што освоија најголем број мандати на предвремените парламентарни избори одржани на 11-ти декември минатата година, истекува денеска.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Деветтиот собраниски состав беше конституиран лани на 30-ти декември. ВМРО- ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори освои 51 мандат, СДСМ- 49, ДУИ- 10, движењето БЕСА- 5, Алијансата на албанците- 3 и ДПА- 2 мандата.