Груевски го доби мандатот за формирање влада

09.01.2017 14:40

Тече рокот за составување влада. Шефот на државава, Ѓорге Иванов му го врачи мандатот на Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што освои најмногу пратенички места на предвремените парламентарни избори. Мандатарот Груевски има рок од 20 дена, на Собранието да му ја поднесе програмата и да го предложи составот на владата.

На истекот на десетдневниот рок, Претседателот на државата Ѓорге Иванов ја исполни уставната обврска и му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на предвремените парламентарни избори на 11 декември освои најмногу пратенички мандати.

Мандаторот Груевски во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и да го состави владиниот тим. Владата пак по предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Пред два дена претседателството на ДУИ на седницата во мала Речица го усвои текстот на заедничката платформа на парламентарните партии од албанскиот блок, која е извесно дека ќе ја стави намаса во преговорите за формирање парламентарно мнозинство. ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците имаат заедничка политичка агенда за исполнување одредени барања.

На предвремените парламентарни избори коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратенички мандат, СДСМ и коалициските партнери, 49, ДУИ 10, движењето Беса 5, Алијанса за Албанците 3 пратеника, а ДПА 2.

Милчо Велески