Рударскиот сектор очекува добра година и стабилни цени на металите
Рударскиот сектор во земјава очекува добра економска година со ниско стабилизирачки берзански цени на металите. Бара државата да ја изработи долго очекуваната стратегија за развој на рударството, но и да се стави ред во издавањето концесии за екплоатација на рудното богатство.

Рударскиот сектор во земјава очекува добра економска година затоа што сите позначајни рударски капацитети Злетово, Тораница, Саса и Бучим работат со полна динамика. Статистиката говори дека производството во овој сектор за 11 месеци лани било помало за 16,8% во однос на истиот период во 2015-та. Кај јагленот и лигнитот тоа е помало за 13,4%, а кај рудите на метали за 8% што се должеше на неработењето на двата рудника за олово и цинк кои комплетно беа преземени од нов странски инвеститор дури пред крајот на годината.
„Во 2017-та очекуваме рударскиот сектор да продолжи со успешната работа со сите проблеми што ги има во овој сектор. Цените на металите на крајот на 2016-та и на почетокот на 2017-та ги сметаме за ниско стабилизирани. Значи дека се ниски, но се стабилизирани. Не се очекува поголем пораст на цените, но не се очекува ниту пад на цените“, вели Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство.
Ниските температури предизвикаа проблеми кај дел од рудниците со отворен коп, особено кај оние што експлоатираат камен или песок.
„Имаше добри услови за работа, меѓутоа сега со ниските температури нормално дека сите прекинаа со работа, затоа што се работи и со нафта која замрзнува итн.“, изјави Шефки Алити, потпредседател на Македонската асоцијација за рударство.
Рударскиот сектор бара државата да ја изработи неопходната стратегија за развој на рударството до 2025-та, што ќе овозможи подобро позиционирање на инвеститорите, но и да се стави ред во издавањето концесии за експлоатација на рудното богатство.
„На потегот Скопје, Тетово или Гостивар- Маврово има на растојание од 2-3 километри има издадено по 2 или 3 концесии за каменоломи. На тој начин ова рударско производство го уситнуваме, ги осиромашуваме тие претпријатија, а многу негативно влијаат и на животната средина“, вели Николов.
Рударскиот сектор очекува да продолжи изградбата на новиот рудник во Иловица, како и подобрувањето на условите за работа преку доопремување на рудниците во Злетово и во Тораница. Во овој сектор се вработени над 13 илјади рудари, платите и покрај проблемите се исплаќаат редовно и најчесто се над просекот во земјава.
Свето Николовски
